Македонија

Христијан Проданов, првото дете на Независна Македонија: „Чест ми е да ме нарекуваат детето на Македонија“

Христијан Проданов, првото дете на Независна Македонија: „Чест ми е да ме нарекуваат детето на Македонија“

Три минути по полноќ на 9 септември 1991 година, во Скопје се родил Христијан Проданов – човекот кој денес е познат како првото дете родено во Независна Македонија. По повод 35-годишнината од независноста, Проданов беше гостин во специјалното отворено студио на 4ТВ, каде што зборуваше за својата необична животна приказна и за чувството да се расте и созрева паралелно со државата.

Проданов раскажа дека неговото раѓање се случило непосредно по прославата на независноста на плоштадот „Македонија“.

„Мојот роден ден е точно три минути по полноќ на 9 септември. Само што завршила прославата на плоштадот Македонија, се раѓам јас. Тоа е првиот ден од независноста на Македонија“, раскажа тој.

Токму поради времето на неговото раѓање, со години го носи прекарот „детето на Македонија“, а Проданов вели дека таа симболика со текот на годините станала дел од неговиот идентитет.

„Чест ми е да ме нарекуваат детето на Македонија или првото дете во Македонија. Некако се соживувам со државата, со историјата“, истакна Проданов.

Денес, на 35-годишна возраст, тој вели дека особено му значи што целиот живот го поминал во Скопје, градот во кој е роден, и што може да ги споделува и убавите и тешките моменти со својата земја.

„Обожавам да бидам дел од Македонија, да живеам во Скопје, каде што сум роден. Да се соочувам со сите проблеми кои ги има Македонија, но и да се радувам на сите успеси кои ги постигнала на кое било поле“, вели тој.

За Проданов, независноста не е само историски датум, туку период со кој е поврзан целиот негов живот.

„Чест ми е и задоволство, како и на сите граѓани, да бидам дел од оваа држава“, порача тој.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни