Само неколку дена биле потребни за да се организира програмата со која Македонија ја одбележала својата независност на 8 Септември 1991 година. Петар Георгиевски – Перо Камиказа, од „Меморија“, во специјалното отворено студио на 4ТВ се присети на подготовките за историската вечер и на улогата што ја имал во организацијата на настанот.
Во тој период Георгиевски бил одговорен уредник на Забавната редакција на Музичката продукција, а бил дел и од трочлениот тим кој ја подготвувал програмата. Во тимот биле и тогашниот директор на радиото Слободан Чашулек и одговорниот уредник на Првата програма, Георги Варошлија.
Како што раскажа Георгиевски, официјалната наредба за подготовка на програмата стигнала само три-четири дена пред самиот настан.
И покрај краткиот рок и фактот што голем дел од претходно договорените работи не се одвивале според планот, тимот успеал да ја реализира замислената програма.
Георгиевски нагласи дека голема улога имала и довербата што ја добиле од раководството на Македонското радио.
Според него, фактот што подготовките ги воделе само тројца луѓе овозможил одлуките да се носат брзо и без дополнителни бирократски пречки.
„Кога се замешаваат многу комисии и структури, обично кога се замешава многу комисии и структури, на крајот не излегува ништо“, се присети Георгиевски.
Тој оцени дека благодарение на поддршката од Слободан Чашулек, Георги Варошлија и генералниот директор Тихомир Левски, подготовките успеале да завршат со спектакуларна прослава на независноста.
За Георгиевски, таа вечер останала како еден од големите белези од почетокот на независната македонска држава.