Македонија

35 години подоцна: Перо Камиказа за обидите да се потцени генерацијата од независноста

35 години подоцна: Перо Камиказа за обидите да се потцени генерацијата од независноста

Поминаа 35 години од независноста, но спомените на оние кои биле директно вклучени во историските настани од 1991 година сè уште носат силни емоции. Петар Георгиевски – Перо Камиказа смета дека денес постојат обиди да се потцени значењето на луѓето кои тогаш придонеле за создавањето на новата држава.

Георгиевски во специјалното отворено студио на 4ТВ зборуваше за значењето на песната „Оган под ѕвездите“, која „Меморија“ ја извела непосредно по прогласувањето на независноста.

На прашањето дали во тој момент биле свесни дека песната ќе стане дел од спомените поврзани со создавањето на државноста, тој вели дека не било потребно тие да бидат свесни за тоа – публиката сама ѝ дала значење.

„Јас не морам да бидам свесен, луѓето, таа песна сами ја обнародија“, порача Георгиевски.

Тој смета дека значењето на луѓето и настаните од тој период не треба да се гледа низ денешните политички или општествени поделби.

Според него, токму генерацијата која била дел од создавањето на независната држава оставила трага која не може едноставно да се избрише или занемари.

Георгиевски отворено зборуваше и за, како што оцени, денешните обиди за минимизирање на вредноста на луѓето кои учествувале во настаните од тој период.

„Тоа што се случува сега, што се пробува на одреден начин да се минимизира нашата вредност од тоа време, е работа на новите ветришта во Македонија“, рече тој.

За него, споменот од 8 Септември останува пред сè сведоштво за една генерација која ја доживеала независноста одблизу и активно учествувала во нејзиното одбележување.

По 35 години, вели Георгиевски, најважно е да не се заборави дека зад историските датуми стоеле конкретни луѓе, уметници, музичари, новинари и работници кои во тој период го дале својот придонес.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни