Системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ од сабота ќе започне да функционира и на подрачјето на СВР Велес, со што контролата на сообраќајот преку камерите се проширува и во овој регион.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по завршувањето на техничките проверки и финалните тестирања, камерите поставени на сообраќајниците во подрачјето на СВР Велес ќе бидат ставени во функција.
Со активирањето на системот се очекува да се овозможи постојан и засилен надзор врз сообраќајот, побрзо откривање на прекршоците и зголемување на дисциплината кај возачите.
„Со активирањето на системот ќе се овозможи засилена и континуирана сообраќајна контрола, навремено откривање на сообраќајните прекршоци, зголемување на сообраќајната дисциплина и унапредување на безбедноста на патиштата“, велат од МВР.
Оттаму упатуваат апел до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со одговорно однесување да придонесат за намалување на ризиците и зголемување на безбедноста на патиштата.
„Безбеден град“ веќе се применува на подрачјата каде што е активиран системот, а неговото проширување треба постепено да продолжи и во останатите сектори за внатрешни работи низ државата.