Првиот министер за одбрана на независна Македонија, Трајан Гоцевски, во сведоштво за 4ТВ открива детали од периодот на преземањето на скопскиот аеродром од страна на македонските власти во 1992 година.
Гоцевски се присетува на периодот кога започнало примопредавањето на објектите на аеродромот „Петро Ецфос“ во Скопје. Процесот, според неговото сведоштво, започнал на 10 март и завршил кон крајот на месецот, во време кога Југословенската народна армија се повлекувала од Македонија.
Според Гоцевски, во тој момент постоела опасност при повлекувањето да бидат демонтирани делови од радарскиот систем, што би можело сериозно да го загрози функционирањето на аеродромот.
„Тие сакаа да го предадат аеродромот, да ги демонтираат сите радари“, сведочи Гоцевски, посочувајќи дека особено важно било прашањето со еден од радарите, кој тој го идентификува како „Томсон“.
Тогашниот министер за одбрана објаснува дека евентуалното демонтирање на радарот би значело дека авиони не би можеле да слетуваат на скопскиот аеродром.
„А тоа ако се случеше, тоа значи дека ниеден авион не може да се приземи на скопскиот аеродром“, вели Гоцевски.
Ситуацијата била особено чувствителна поради тогашните политички и економски околности. Македонија била опкружена со сериозни ограничувања во сообраќајот – на север било ембаргото кон СР Југославија, додека на југ постоело грчкото ембарго.
„Ако се затвореше аеродромот, ние не можеме никој на никаде да излезе, ниту државното раководство, ниту бизнисот, ниту некој друг“, се присетува Гоцевски.
Поради тоа, прашањето било разгледано на координација кај тогашниот претседател. Била донесена одлука до командата на ЈНА да се испрати јасна порака дека Македонија нема да дозволи аеродромот да биде онеспособен за функционирање.
„Треба да им ставиме до знаење дека доколку тоа се направи, се онеспособи аеродромот за функционирање, ние нема тоа да го дозволиме, и со сила ако треба“, раскажува Гоцевски.
Тој лично бил задолжен да ја пренесе пораката до тогашниот командант на Трета воена област, генералот Милутин Узелац.
Гоцевски се присетува и на самиот момент кога пристигнал во командата. Опишува дека во објектот владееле строги воени правила – од посетителите им биле одземани личните предмети и немало можност за користење мобилни телефони, туку комуникацијата се одвивала преку воени врски.