Македонија

Западно-нилска треска: Опоравувањето може да трае со месеци

Западно-нилска треска: Опоравувањето може да трае со месеци

Опоравувањето на пациентите со тешка, невроинвазивна форма на западно-нилска треска може да трае со месеци. Во отпусните писма на пациентите од Клиниката за инфективни болести се препорачува веднаш по исписот да направат контролен преглед на Клиниката за неврологија и да бидат следени поради можност од дополнителни невролошки симптоми.

„Особено тие што биле на интензивно лекување може и по исписот да имаат симптоми, а процесот на опоравување може да трае со месеци“, вели директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана.

Во моментов на Инфективна се хоспитализирани шест пациенти, од кои двајца се сомнителни на вирусот и се чекаат лабораториски резултати. Двајца пациенти се на респиратор и се лекуваат на интензивна нега.

Министерот за здравство Сашо Клековски оценува дека епидемијата стивнува, бидејќи во последните две недели се регистрирани по два случаи, но предупредува дека развојот не може целосно да се предвиди.

Во земјава досега се регистрирани 58 случаи на западно-нилска треска – 46 кај мажи и 12 кај жени. Починале осум лица, сите над 60 години, како последица на компликации од вирусот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни