Ексдиректорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, ниту барал пари ниту имал контакт со оштетениот бизнисмен, тврди неговата одбрана. Според адвокатот, тоа било потврдено и со денешното сведочење на бизнисменот, кој не посочил дека Анакиев од него барал поткуп. Наместо тоа, одбраната тврди дека 100-те илјади евра биле барани од трето лице – шпедитер.
На второто рочиште сведочеше оштетениот, кој зборуваше за наводни притисоци и инспекциски контроли, по што следуваа вкрстени прашања од одбраната.
Адвокатот како симптоматично го посочи фактот што по наводното барање поткуп била донесена забрана за увоз на овој тип ѓубриво во рефусна состојба преку граничните премини, одлука која, според него, е сè уште на сила.
Обвинителството, пак, останува на ставот дека има цврсти докази и телефонски разговори кои го поткрепуваат обвинението за примање поткуп.
Според обвинението, Анакиев во март годинава барал 100 илјади евра поткуп, а при неговото приведување биле пронајдени 50 илјади евра, за кои обвинителството тврди дека биле првата рата.
Анакиев беше приведен во гаража во комплексот „Џевахир“, каде што живее поранешниот министер за земјоделство Цветан Трипуновски. Парите биле пронајдени под совозачкото седиште во возилото.