Првиот министер за одбрана Трајан Гоцевски открива дека разговорите за иднината на Македонија не започнале во 1991 година, туку многу порано.
Во сведоштво за 4ТВ, Гоцевски раскажува за средбите со тогашниот висок југословенски функционер Киро Глигоров и генералот Михајло Апостолски.
Според него, уште на почетокот на 1987 година Глигоров зборувал дека ситуацијата во Белград станува сериозна.
„Горе не оди како што треба“, се присетува Гоцевски дека слушнал од Глигоров, кој наводно му рекол дека ќе бидат потребни луѓе и подготовка доколку дојде до распад на Југославија.
Тоа, според Гоцевски, било првпат од висок политички функционер да слушне директно размислување за можноста Македонија да мора да тргне по сопствен пат.
Во истите разговори, според сведоштвото, генералот Апостолски го предупредувал Глигоров дека треба да биде внимателен поради дејствувањето на југословенските безбедносни служби.
„Службите сè уште функционираат“, се присетува Гоцевски дека му било кажано на Глигоров.
Токму овие разговори, според Гоцевски, биле дел од пошироката атмосфера во која македонските интелектуалци, политичари, професори, дипломати и воени лица почнале да размислуваат што ќе се случи ако Југославија се распадне.