Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, најави построги контроли на боледувањата и измени на Правилникот, со цел средствата да стигнуваат до оние на кои им се најпотребни и да се спречат можни злоупотреби. „Не сакаме построг, туку правичен систем“, истакна Перински.
Клучната измена што ќе биде предложена до Управниот одбор е матичниот лекар да може да издава боледување најмногу пет дена, наместо досегашните седум. Перински посочи дека пет дена се доволни за дополнителна анамнеза или за продолжување на боледувањето, а ќе се олесни и постапката за оние кои не можат физички да дојдат за да го обезбедат потребниот документ.
Контролите во иднина ќе се спроведуваат по пријава од работодавачите или по случаен избор, во соработка со Управата за јавни приходи (УЈП) и Министерството за внатрешни работи (МВР). Доколку осигуреникот не биде затекнат дома, ќе биде упатен пред лекарска комисија за образложение. Досегашните проверки, според Перински, покажале неправилности кај речиси 30 отсто од испитаниот примерок во Министерството за внатрешни работи, каде што веќе се изречени глоби, а се финализира и анализата во Министерството за одбрана.
Минатиот месец Фондот исплатил над 623 милиони денари за боледувања, од кои 414 милиони денари за породилни отсуства, а преостанатиот дел за други боледувања. „Кога зборуваме за 623 милиони денари исплатени само по основ на боледување, јасно е дека мора да имаме јасни правила и механизми на контрола“, рече Перински, нагласувајќи дека целта не е ограничување на правата, туку спречување на злоупотребите. Во буџетот на Фондот за 2026 година се предвидени 6 милијарди 454 милиони денари за боледувања и породилни отсуства, што, според него, наметнува потреба од зајакнат надзор.
Во делот на биолошки потпомогнатото оплодување, мерката за овозможување до шест обиди веќе дава резултати: од над 1 880 обиди, 237 се однесуваат на четврти, петти или шести обид. Во тек е анализа за градација на финансискиот пакет по обид и поиндивидуализиран пристап при издавањето ваучер за првиот, вториот или третиот обид, со цел да се зголеми веројатноста за позитивен исход уште во раните обиди. Овие промени се планира да стапат во сила од 2027 година, по обезбедување соодветна финансиска и медицинска поддршка.
Како дополнителна олеснувачка новина за пациентите, Фондот ќе предложи рецептите издадени од дежурните служби да важат 24 часа, наместо да мора да се реализираат истиот ден до полноќ.