Беки Џоунс имала 21 година кога лекарите ѝ соопштиле дека има тумор на мозок и дека ѝ остануваат само неколку месеци живот. Таа дијагноза, поставена од искусен онколог, довела до единаесет години лекување со хемотерапија што ѝ го промени животот од темел. Денес, на 33 години, таа дознала дека никогаш немала рак, туку воспаление на мозок кое можело да се лекува со стероиди. Според Би-Би-Си, Џоунс е една од повеќе од четириесет пациенти кои покренаа тужба против Универзитетските болници Ковентри и Ворикшир (УХЦВ) поради, како што тврдат, продолжено или непотребно лекување.
„Постојано ми повторуваа дека ќе умрам ако не примам хемотерапија“, изјави Џоунс. Таа редовно чувствувала мачнини, не можела да присуствува на семејни настани, кариерата ѝ била прекината, а живеела во постојан страв. Тврди дека професорот Ијан Браун од болницата во Ковентри ѝ кажал дека ќе мора доживотно да го зема хемотерапевтскиот лек темозоломид (ТМЗ), и покрај стручните упатства што препорачуваат најмногу шест циклуси во рок од шест месеци. Кога прашувала зошто бројните снимки не покажуваат докази за тумор, онкологот ѝ одговарал дека тој „не е видлив со голо око“. Вистината ја дознала дури во 2025 година, кога започнала проверка на случаите на пациентите на професорот Браун.
„Никогаш немав тумор на мозок. Добив погрешна дијагноза и поминав поголем дел од возрасниот живот на терапии без никаква причина“, изјави таа, додавајќи дека лекарот „практично ѝ го уништил животот“. И други пациенти на Браун потврдиле за Би-Би-Си дека со години земале ТМЗ, со сериозни здравствени последици. Една пациентка верува дека поради лекот станала неплодна, а друга развила леукемија по сто непотребни циклуси терапија.
Животот на Џоунс во 2012 година допрва започнувал. Работела како операторка на видеонадзор на стадион во Ковентри, каде што го запознала партнерот Пит. Наскоро добила силни мигрени и побарала лекарска помош. Приватен неврохирург извршил биопсија на мозок, но нејзината адвокатка Фиона Тинсли вели дека професорот Браун дијагностицирал глиобластом од четврти степен, еден од најагресивните облици на рак на мозок, уште пред да пристигнат наодите од биопсијата. Би-Би-Си повеќепати се обидел да стапи во контакт со пензионираниот професор, но без успех.
Годините на хемотерапија Џоунс ги опишува како „ужасни“. „Постојани мачнини, болки во стомакот, рани во устата и секојдневен замор — беше страшно“, вели таа. Лекот ѝ влијаел на секој дел од животот: поради страв од инфекции ги избегнувала дружењата и семејните собири. Возачката дозвола прво ѝ била одземена, а потоа ограничена. „Пред терапијата редовно вежбав во теретана, трчав, а со Пит често излегувавме на вечера, што подоцна веќе не можев“, додава таа. Лекарите им рекле и дека нема да може да забремени. „Подоцна родив две деца, а тој ми рече дека и двете се чудо.“
По повеќе од една деценија, во 2024 година одеднаш добила повик: лекарот ѝ соопштил дека хемотерапијата се прекинува. „Не наведе причина. Само ми рече дека Ијан Браун заминал во пензија — првпат слушнав за тоа“, раскажува таа. Ѝ било речено дека на сите прашања ќе одговори новиот онколог, но не добила име. „Не знаев што да правам, кому да се обратам, ниту со кого да разговарам, затоа што во тој период немав никаква поддршка од болницата.“ Во мај 2025 година, по независна анализа што за нејзините адвокати ја спроведоа неврохирурзи и радиолози, дознала дека никогаш немала рак на мозок. Всушност, боледувала од тумефактивна демиелинизација — воспаление кое обично се лекува со силни стероиди.
Прелиминарните наоди од ревизијата на Кралскиот колеџ на лекарите (РЦП) покажале дека пациентите во таа болница рутински примале долготрајни терапии со ТМЗ, со „малку или воопшто без докази за корист“. Во извештајот се наведува дека пропустите на персоналот претставуваат „предавство на довербата на пациентите“. Поставено е и прашањето зошто болничките фармацевти не реагирале на фактот дека пациентите непрекинато земаат орален цитостатик по 10 до 15 години. Ревизијата, која не го именува професорот Браун туку го означува како „доктор Игрек“, утврдила дека од дваесет разгледани случаи, петнаесет биле „воопшто незадоволителни“. Онкологот не учествувал во постапката на ревизијата. Констатирано е дека постои „оскуден доказ“ за разбирање и документирање на ризиците од лекот и дека во дел од случаите недостасувале „клиничка љубопитност“ и соработка со колеги, што овозможило дијагностичките грешки да продолжат.
Џоунс овие наоди ги опиша како „морничави“. „Не е само прашање што правел тој, туку како му дозволиле толку долго да работи на своја рака. Како да водел своја претстава, без некој да го надгледува што прави“, рече таа.
Портпарол на УХЦВ соопшти дека сите погодени пациенти биле прегледани од искусни лекари и дека им се обезбедени соодветни планови за грижа. „Исто така спроведуваме независна ревизија на нашите системи за пријавување неправилности за да осигуриме дека персоналот се чувствува целосно поддржан и безбеден при пријавување какви било сомнежи. Болницата ќе ја оцени целосната ревизија на РЦП кога ќе биде објавена и ќе преземе понатамошни чекори врз основа на нејзините наоди. Сакаме да ја увериме заедницата дека безбедноста, искуството и добросостојбата на пациентите се на прво место“, наведоа од болницата.