Македонија

Деко на 3 октомври излегува од притвор, одбраната ќе понуди имот како гаранција

Деко на 3 октомври излегува од притвор, одбраната ќе понуди имот како гаранција
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Сопственикот на тетовската дискотека „Пулс“, Дејан Јованов – Деко, на 3 октомври го достигнува максималниот законски рок за престој во притвор. Неговата одбрана најави дека во текот на неделава ќе предложи имот како гаранција, по што Судот ќе одлучува дали ќе му определи други мерки на претпазливост.

Информацијата беше соопштена на денешното судско рочиште. Одбраната посочи дека ќе достави имотна гаранција, имајќи предвид дека по истекот на притворот Судот има можност да определи други мерки за обезбедување на присуството на обвинетиот.

Јованов во притвор се наоѓа од март минатата година. Согласно законските ограничувања, притворот може да трае најмногу една година од моментот на оценката на обвинението, поради што 3 октомври е датумот до кој може да трае максималниот период на притвор.

Дали по неговото излегување од притвор ќе му бидат определени мерки на претпазливост, како и кои би биле тие мерки, ќе одлучи Судот.

По денешното рочиште, адвокатката Ивана Коцевска изјави дека Јованов не ја негира одговорноста, но дека одбраната ја оспорува намерата, односно умислата како елемент на делото за кое е обвинет.

Така, по повеќе од една година помината во притвор, за Дејан Јованов следува нова фаза во судската постапка, при што Судот ќе треба да одлучи за понатамошните мерки по истекот на притворот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни