Македонија

Нова кривична пријава за Стевче Јакимовски

Нова кривична пријава за Стевче Јакимовски

Министерството за внатрешни работи поднесе нова кривична пријава против поранешниот градоначалник на скопската општина Карпош, Стевче Јакимовски, за несовесно работење во службата. Пријави се поднесени и против две службенички од Секторот за урбанизам, од кои едната се товари за четири, а другата за две кривични дела.

Според соопштението од Министерството за внатрешни работи, службеничките издавале градежни одобренија и решенија спротивно на урбанистичките правила и покрај претходни забрани. Во пријавата се посочува дека градоначалникот склучувал договори со инвеститори за регулирање на надоместокот за уредување на градежно земјиште, без да провери дека барањата се однесуваат на локации за кои биле укинати детални урбанистички планови, иако претходно дал насока за такви локации да не се издаваат одобренија.

Во еден од случаите, раководителката на Секторот за урбанизам и вработена од истиот сектор, иако знаеле дека изводот од план за детален урбанистички план бил укинат со одлука на Уставниот суд во 2018 година и дека постоеле насоки да не се издаваат изводи и одобренија за укинати планови, на 23 јули 2025 година им издале одобрение за градење на инвеститорите. Претходно, градоначалникот потпишал договори со инвеститорите без да изврши увид дека тие се поврзани со локација со укинат план, за која самиот претходно наложил да не се издаваат одобренија. Со тоа, на инвеститорите им било овозможено противправно да стекнат право на градба на објект во вредност од 10.427.518 денари.

Во друг предмет, на 29 октомври 2025 година било издадено одобрение за градење и покрај тоа што кон барањето бил доставен основен проект изработен спротивно на важечкиот урбанистички план. Наместо предметот да биде вратен на доработка, одобрението било издадено, со што на инвеститорите им било овозможено стекнување право на градба на објект проценет на 13.021.914 денари.

Дополнително, на 25 март 2025 година раководителката издала решение за градба на настрешница, иако, според наводите, станувало збор за засебен објект, а не за настрешница во функција на постоечки објект. Објектот бил планиран во простор со намена Д1 — парковско и пејзажно зеленило, односно јавен простор и булеварски профил, и не бил предвиден со важечкиот урбанистички план. Не била доставена целосна потребна документација, ниту бил пресметан и наплатен надоместокот за уредување на градежното земјиште.

Иста службеничка, на 30 јули 2025 година, повторно издала решение за градба на настрешница за ист објект, иако претходно била поведена управна постапка, а во 2024 година било донесено решение за негово отстранување. И во овој случај, според пријавата, недостасувала целосна документација и не бил пресметан и наплатен надоместок, што се товари како злоупотреба на службената положба и неизвршување на службената должност.

Пред една недела, Врховниот суд ја укина пресудата против Јакимовски за привремената зграда на општината. Тој формално сè уште не е излезен од затвор, туку е на болничко лекување, бидејќи одлуките од Врховниот суд допрва треба да бидат доставени до надлежните судови.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни