Албанскиот премиер Еди Рама реагираше веднаш по изрекувањето на пресудите во случајот против поранешните припадници на ОВК во Хаг.
Рама на својот профил на „Фејсбук“ објави фотографија на која е прикажана бодликава жица поставена преку карта на Европа, придружена со кратка порака: „Marre“, што на албански значи „Срам“.
Албанскиот премиер и претходно во повеќе наврати го критикуваше судскиот процес, оценувајќи го како неправеден.
Во меѓувреме, во Хаг се одржаа собири на поддржувачи на четворицата обвинети – Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Дел од нив пресудите ги следеа во живо од јавен простор во близина на судот.
По објавувањето на осудителните пресуди, настанаа тензии меѓу дел од поддржувачите и холандската полиција. Според извештаите, полицијата употребила солзавец и палки за да ја контролира ситуацијата.
Специјализираните совети на Косово со седиште во Хаг денеска ги изрекоа првостепените пресуди во предметот против четворицата поранешни високи припадници на ОВК. Хашим Тачи е осуден на 25 години затвор, Кадри Весели на 18 години, Јакуп Красниќи на 25 години, а Реџеп Селими на 13 години затвор.
Судот ги прогласи за виновни за воени злосторства, меѓу кои незаконско и произволно лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиство. Обвинетите претходно ги отфрлија обвиненијата, а против првостепената пресуда е дозволена жалба.