Жичарата на Водно, една од најпрепознатливите атракции во Скопје, ќе биде целосно реконструирана и безбедносно ревитализирана, откако стручната контрола утврдила сериозни недостатоци во нејзиното одржување.
Како што изјавил градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по преземањето на функцијата Градот побарал целосна експертиза од австриската компанија „Допелмајр“ (Doppelmayr), оригиналниот изведувач на системот. Според информациите објавени од 4news.mk, наодите покажале сериозна состојба на дел од клучните компоненти на жичарата.
При контролата било утврдено оштетување на носечките и влечните сајли, како и неисправност на три од вкупно четири безбедносни сензори за движењето на кабините.
Поради утврдените недостатоци, донесена е одлука жичарата да биде ставена вон функција сè додека не се спроведат потребните интервенции и не се потврди нејзината безбедност.
Реконструкцијата ја спроведува „Допелмајр“
Договорот за реконструкција веќе е склучен со „Допелмајр“, компанијата која го изведува целиот процес. Во наредниот период се очекува испорака на оригинални резервни делови и ангажирање на стручен тим кој ќе ги реализира зафатите на терен.
Покрај техничката реконструкција, предвидена е и дополнителна обука на вработените во јавното претпријатие кои се задолжени за одржување и сервисирање на системот.
Предвидено е да се воспостави и протокол за задолжителен годишен генерален преглед и ремонт, како и редовна замена на виталните компоненти.
Од Градот посочуваат дека жичарата на Водно работи во текот на целата година, за разлика од дел од ски-центрите каде жичарниците се користат сезонски, поради што е неопходно континуирано и систематско одржување.
Пред повторното пуштање – серија тестирања
По завршувањето на реконструкцијата, жичарата ќе биде подложена на детални тестирања. Таа ќе може повторно да биде пуштена во употреба откако ќе ги помине предвидените проверки и ќе биде издаден официјален сертификат за безбедност.
Градоначалникот Ѓорѓиевски најавил дека првото тест-возење по завршувањето на постапката ќе го направи лично, заедно со директорот на ЈСП и своите деца.
Крајниот рок за завршување на реконструкцијата е поставен до крајот на ноември. Доколку сите проверки и сертификациски процедури бидат успешно завршени, жичарата се очекува повторно да биде достапна за граѓаните и туристите во претстојната зимска сезона.
Работењето ќе зависи и од временските услови, односно жичарата нема да сообраќа во денови со силен ветер или други неповолни метеоролошки услови.