Македонија

Кос: Македонија треба да ги внесе Бугарите во Уставот за да продолжи кон ЕУ

Кос: Македонија треба да ги внесе Бугарите во Уставот за да продолжи кон ЕУ

Европската комисија очекува Македонија да ги спроведе преземените обврски поврзани со уставните измени, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за бугарскиот јавен сервис БНТ.

Кос оцени дека актуелниот момент може да се искористи за придвижување на европската интеграција на земјата и посочи дека Владата во Скопје треба да го исполни ветувањето за промена на Уставот и внесување на Бугарите во него. Според неа, тоа е договорено меѓу Македонија и 27-те земји членки на ЕУ.

„Владата во Македонија треба да го исполни ветувањето. Тие треба да го променат Уставот. Тоа е договорено меѓу Северна Македонија и 27-те држави членки на ЕУ“, изјави Кос.

Еврокомесарката додаде дека по спроведувањето на уставните измени очекува поддршка и од Бугарија за продолжување на процесот со Македонија.

Кос ја опиша оваа есен како „есен на проширувањето“ и најави дека Европската комисија подготвува патокази за земјите кои се најнапредни во пристапните преговори. Таа посочи дека Црна Гора е најблиску до членство, додека за Албанија, Молдавија и Украина се подготвуваат патокази со можните технички чекори до крајот на мандатот на актуелната Европска комисија.

Според Кос, напредокот на овие земји може да биде поттик и за останатите кандидати и потенцијални кандидати, меѓу кои Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, да го забрзаат својот пат кон ЕУ. Таа нагласи дека процесот на проширување се темели на исполнување на преземените обврски и реформи.

Европската комисија и во својот последен извештај за Македонија ја наведува потребата од уставни измени со кои во Уставот би се вклучиле граѓаните кои се дел од други народи, меѓу кои и Бугарите, согласно заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година.

Кос истакна и дека последното проширување на ЕУ се случи во 2013 година, со членството на Хрватска, и дека сега Унијата повторно го става проширувањето високо на својата агенда.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје 15.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни