Поскапувањето на горивото ги принудува авиокомпаниите да ги преиспитаат плановите за летови, а меѓу нив е и нискобуџетниот превозник „Виз ер“.
Компанијата најави дека во втората половина од финансиската година ќе го намали планираниот капацитет за околу пет отсто, како резултат на зголемените трошоци за гориво.
Од „Виз ер“ велат дека високите цени на горивото претставуваат значителен притисок врз авиосекторот, поради што авиопревозниците се принудени да ги приспособуваат своите планови и бројот на летови.
И покрај најавеното намалување, компанијата оценува дека летната сезона била подобра од очекувањата. Оттаму додаваат дека остануваат посветени на долгорочните планови за проширување на флотата и зголемување на бројот на превезени патници.
Засега нема информации кои конкретни авиолинии ќе бидат опфатени со намалувањето на капацитетот.
„Виз ер“ е меѓу најголемите авиопревозници присутни на македонскиот пазар и оперира со бројни линии од скопскиот аеродром.