Животот во заедница со родителите останува заштитен знак на младите во Македонија. Најновите податоци на Евростат за 2025 година откриваат дека младите во земјава се осамостојуваат во просек на 30,7 години – дури четири и пол години подоцна од нивните врсници во Европската Унија, каде што просекот изнесува 26,3 години.
Со оваа бројка, Македонија се наоѓа во самиот врв на европската листа на земји каде што генерациите подолго остануваат под родителскиот покрив.
Балкански синдром или економска реалност?
Европската мапа покажува јасна географска и социо-економска поделба. Југот и Балканот предничат во продолжениот престој кај родителите, додека северот на Европа руши рекорди во брзо осамостојување.
- Рекордери по престој: Хрватска го држи првото место во Европа со 31,5 години, а веднаш по неа се Грција и Словачка (30,9), Македонија (30,7), како и Шпанија и Италија (30,2).
- Соседите: Во Србија младите си заминуваат од дома на 30,1 година, во Босна и Херцеговина на 29,5, додека во Бугарија тоа се случува значително порано – на 27,9 години.
- Шампиони во осамостојување: На спротивниот крај се нордиските и балтичките земји. Во Финска младите заминуваат од дома на само 21,4 години, во Данска на 21,8, а во Естонија и Литванија на околу 22,7 години.
Клучот е во работната книшка
Евростат посочува дека директната врска меѓу осамостојувањето и финансиите е очигледна. Стапката на вработеност меѓу младите од 20 до 29 години во ЕУ изнесува 65,5 отсто, а земјите со висок процент на вработеност – како Холандија, Данска, Германија и Шведска – бележат и најбрзо напуштање на родителскиот дом.
Од друга страна, во земјите каде што младите потешко доаѓаат до работа, осамостојувањето станува луксуз. Во Македонија, стапката на вработеност кај оваа возрасна група во 2025 година изнесувала скромни 50,2 отсто, што директно го објаснува фактот зошто три децении се новата граница за почеток на самостоен живот.