Македонските средношколци повторно забележаа одлични резултати на Балканската олимпијада по информатика. На 33. издание на БОИ, што од 14 до 20 септември се одржуваше во Тирана, македонскиот тим освои два медали и две олимписки пофалби.
Сребрен медал освои Владимир Грчев од Кочани, додека Дамјан Давков од Штип се закити со бронза. Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица добија олимписки пофалби.
Македонскиот тим го сочинуваа четворицата натпреварувачи, предводени од тим лидерите Благојче Павлески и Петар Ковачовски, студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
На овогодинешното издание учествуваа натпреварувачи од 13 земји-членки на БОИ заедницата, меѓу кои Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Романија, Србија, Словенија и Турција. Како гости учествуваа и претставници од Грузија, Киргистан, Саудиска Арабија, Туркменистан и Украина.
Натпреварувачите индивидуално ги решаваа алгоритамските задачи во текот на два натпреварувачки дена.
Проф. Миле Јованов повторно беше избран за претседател на Балканската олимпијада по информатика за следниот тригодишен мандат.
„Секој медал освоен на овие натпревари е потврда за трудот што нашите ученици, наставници и ментори го вложуваат во текот на целата година. Владимир и Дамјан со своите медали, а Никола и Марко со освоените пофалби, покажаа дека Македонија продолжува да произведува млади информатичари способни да се мерат со најдобрите во регионот. Ваквиот континуитет на резултати не е случаен, туку е плод на долгогодишниот систем на подготовки и натпревари што го негуваме заедно со ФИНКИ“, изјави Јованов.
Четворицата ученици беа избрани преку целогодишниот циклус натпревари што го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), кој оваа година се одржа по 37. пат.
Натпреварите се реализираат преку системот „мендо.мк“, кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи. Циклусот се организира со поддршка на ФИНКИ и на компаниите „Сорсикс“, „Нетцетера“ и „Семос едукација“.
Балканската олимпијада по информатика се организира од 1993 година и претставува натпревар во програмирање за средношколци од земји од Балканот и поширокиот регион.
Следен предизвик за македонските ученици е Јуниорската балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2026), која ќе се одржи од 22 до 28 септември во Сараево. Следното, 34. издание на Балканската олимпијада по информатика ќе се одржи во Турција во 2027 година.