Иако пасошот е задолжителен документ за повеќето луѓе кога патуваат во странство, постојат исклучоци поврзани со посебниот статус на одредени членови на кралски и царски семејства.
Британскиот крал Чарлс Трети, јапонскиот цар Нарухито и царицата Масако се меѓу лицата кои не користат редовни пасоши при меѓународните патувања.
Кралот Чарлс Трети при патувањата во странство не носи пасош. Наместо тоа, му се издава посебен документ во форма на формално барање до надлежните власти на државата што ја посетува. Со него се бара да му биде овозможено непречено патување, како и потребната помош и заштита за време на престојот.
Посебна процедура постои и во Јапонија. Царот Нарухито и царицата Масако не поседуваат редовни пасоши, туку патни документи издадени од Министерството за надворешни работи на Јапонија.
Оваа практика е воспоставена со одлука на јапонската Влада во 1971 година. Образложението било дека би било несоодветно царот и царицата да поминуваат низ истата процедура како останатите патници.
Исклучокот во Јапонија се однесува само на царот и царицата. Другите членови на царското семејство при патувањата во странство користат редовни пасоши.
Папата, пак, нема ваков исклучок. При патувањата во странство користи вообичаена патна исправа издадена од Државата Ватикан или, во зависност од неговото државјанство, од соодветната држава.