Работниците во Македонија во јули во просек добивале по 48.499 денари нето-плата, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Во споредба со истиот месец лани, просечната нето-плата е зголемена за 7,1 отсто.
Растот на просечната плата најмногу се должи на зголемувањето на примањата во неколку сектори. Најзначително зголемување на годишно ниво е регистрирано кај Финансиските дејности и дејностите на осигурување, каде што платите пораснале за 10,7 отсто.
Следуваат секторот Снабдување со вода; отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината со раст од 10,4 отсто и Дејности во врска со недвижен имот со зголемување од 9,6 отсто.
Во однос на јуни годинава, најголем раст на просечната нето-плата е забележан кај Стручните, научните и техничките дејности, каде што платите се зголемиле за 4,3 отсто.
Кај Трговијата на големо и трговијата на мало, поправката на моторни возила и мотоцикли, зголемувањето изнесува 3,2 отсто, додека во Градежништвото платите се повисоки за 2,3 отсто.
Просечната месечна исплатена бруто-плата во јули изнесувала 72.935 денари.
Највисока просечна нето-плата во јули е исплатена во секторот Информации и комуникации, односно ИТ-секторот, каде што просекот достигнал 89.532 денари. Најниска просечна плата, пак, е забележана во секторот Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, со 34.693 денари.