Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда со која Гордана Филиповиќ од Куманово е осудена на две години и шест месеци затвор за сообраќајната несреќа кај Мостот „Гоце Делчев“ во Скопје, во која загина седумдесет и шестгодишниот пешак Слободан Ангеловски.
Со одлуката се одбиени и жалбата на одбраната против првостепената пресуда и жалбата на Обвинителството со која се бараше повисока казна, со што останува на сила санкцијата што Основниот кривичен суд Скопје ја изрече во повторената постапка.
Апелациониот суд оцени дека првостепената пресуда е аргументирана и дека Кривичниот суд правилно ги утврдил околностите под кои се случила несреќата.
Според образложението на повисокиот суд, обвинетата управувала со автомобил по фреквентна сообраќајница и во услови на густ сообраќај, движeјќи се со брзина од 54,4 километри на час на место каде што максимално дозволената брзина е 50 километри на час. Клучен момент за судот е однесувањето при приближувањето кон обележаниот пешачки премин: возилата во соседните ленти веќе биле запрени, а Филиповиќ не ја намалила брзината, туку заобиколила возило запрено во средната лента, преминала во третата лента и продолжила да се движи.
Судот оценил дека фактот што возилата во соседните ленти биле запрени претставувал јасен сигнал дека на пешачкиот премин има пешак и дека обвинетата требало да запре. Несреќата се случи во 2022 година кај Мостот „Гоце Делчев“, наспроти Македонскиот народен театар, при што беше усмртен Слободан Ангеловски.
Предметот и претходно беше пред Апелација. Првичната казна изнесуваше три години затвор, но таа одлука беше укината и случајот вратен на повторно судење. Во повторената постапка судијката Лидија Петровска изрече казна од две години и шест месеци затвор, по што синот на загинатиот, Столе Ангеловски, јавно изрази незадоволство, изјавувајќи: „Максимално сум разочаран од судството во Македонија. Две години и шест месеци за обвинетата која направила сериозни прекршоци – брзо возење и незастанување на пешачки. Ова е шокантна и некоректна пресуда“.
Одбраната најави жалба со став дека делото не било сторено со умисла, туку од небрежност, додека Обвинителството бараше построга казна. Апелациониот суд ги одби двете жалби и ја потврди првостепената пресуда со која Филиповиќ е осудена на две години и шест месеци затвор.