Македонија

Се намалуваат коефициентите за платите на функционерите, предлогот оди пред пратениците

Се намалуваат коефициентите за платите на функционерите, предлогот оди пред пратениците

Пониски коефициенти за пресметка на платите на претседателот на државата, пратениците и функционерите што ги избира и именува Собранието се предвидуваат со предлог-одлуката што денеска ја усвои Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Со измените се предвидува намалување на коефициентите што се користат за пресметка на функционерските плати, со што треба да се ограничи нивниот износ во однос на досегашниот начин на пресметување.

Предлог-одлуката е донесена по одлуката на Уставниот суд, со која беше укината фиксната основица за пресметка на платите на избраните и именуваните лица. Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, посочи дека собраниското тело постапило согласно одлуката на Уставниот суд.

„Комисијата за избори и именувања постапи по одлуката на Уставниот суд онака како што беше донесена“, изјави Сајкоски.

Намалувањето на коефициентите се однесува на претседателот на државата, претседателот на Собранието, премиерот, пратениците, министрите, како и функционерите во институциите и независните регулаторни тела што ги избира или именува законодавниот дом.

Со пониските коефициенти се менува основата според која ќе се пресметуваат нивните плати, со цел да се избегне значително зголемување на примањата како последица од промената на начинот на пресметка.

Предлог-одлуката сега треба да биде разгледана на пленарна седница, каде што пратениците ќе треба да се изјаснат за предложеното намалување на коефициентите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Весна Јаневска, министерка за образование 22.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни