Македонија

Вајц: Напредокот ѝ е потребен на Македонија, без оглед дали ќе стане членка на ЕУ

Вајц: Напредокот ѝ е потребен на Македонија, без оглед дали ќе стане членка на ЕУ

Подобрувањето на условите за живот, владеењето на правото и создавањето модерно и демократско општество треба да бидат приоритет независно од тоа дали Северна Македонија еден ден ќе стане членка на Европската Унија, порача австрискиот европратеник Томас Вајц на Граѓанскиот форум „Северна Македонија и иднината на Европа: Граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“.

Вајц оцени дека европската интеграција не треба да се сфаќа единствено како крајна цел, туку како процес што треба да донесе конкретни придобивки за граѓаните. Во спротивно, како што посочи, тие подобар живот ќе го бараат надвор од земјата.

– Дали напредокот нам ни е потребен во Европската Унија? Не, мислам дека напредокот ви е потребен вам, за вашата земја, да се движите понатаму, да се развиете модерно, демократско и добро организирано општество, без оглед дали сакате да се приклучите на Европската Унија еден ден или не – рече Вајц.

Тој нагласи дека за проблемите со кои се соочува земјата треба отворено да се разговара, при што ги издвојува животната средина, квалитетот на воздухот, дивите депонии, рециклирањето, пречистителните станици, рударството и шумарството.

Во однос на владеењето на правото и демократските процеси, Вајц истакна дека законите мора еднакво да се применуваат кон сите граѓани.

– Јас верувам дека единствено земја којашто се грижи за основните работи – чист воздух, вода, за добри услови на живот, исто така напредува и економски. Сето тоа има директно економско влијание. Тоа е исто така и владеење на правото, дали законот се применува за сите на ист начин или пак зависи колку сте богат и од каде доаѓате – оцени Вајц.

Претседателот на Собранието Африм Гаши порача дека полноправното членство во ЕУ претставува јасна стратешка определба на Северна Македонија и дека европскиот пат треба да биде надпартиски и долгорочен.

– Европскиот пат не може да биде успешен ако се води само од институциите. Токму затоа ваквите форуми се важни – истакна Гаши.

Според него, граѓаните треба континуирано да бидат вклучени во креирањето на политиките, да поставуваат прашања, да предлагаат решенија и да бараат одговорност од институциите.

– Сакаме да бидеме дел од Европската Унија, но сакаме и европските стандарди да станат реалност за секој наш граѓанин. Европската интеграција ќе има вистинска вредност само доколку граѓаните се чувствуваат како активни учесници, а не како набљудувачи на процесот – порача Гаши.

Словачкиот европратеник Бранислав Ондруш се осврна на значењето на директното учество на граѓаните во политичките процеси. Тој посочи дека податоците и анализите се значајни за креирањето политики, но сами по себе не се доволни за да се разберат целосно потребите на луѓето.

– Важно е да се води политика не само за луѓето, туку и со луѓето исто така – рече Ондруш.

Ондруш нагласи и дека интересите на корпорациите треба да се усогласат со интересите на јавноста, а граѓаните да имаат активна улога во процесите на носење одлуки.

Граѓанскиот форум „Северна Македонија и иднината на Европа: Граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“ се одржува од 25 до 27 септември во Скопје. Во рамки на форумот се одвива директен дијалог меѓу граѓаните и носителите на одлуки, а предвидено е учесниците преку гласање да усвојат финални препораки.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни