Грчките власти спроведуваат истрага за продажба на напиток што на социјалните мрежи се рекламира како производ способен да влијае врз резултатите од полициски алкотест со дрегер по консумирање алкохол. Постапката започнала по добиена дојава, а по случајот е приведен 59-годишен грчки државјанин кој ја администрирал интернет-страницата преку која се нудел напитокот.
Производот го носи името „Но Полис“ и се промовира со пораката: „Испи алкохол и не сакаш да те фатат? Испиј Но Полис.“ Според наодите на грчките власти, фирмата што го пласира напитокот за брзо отрезнување на локалниот пазар е подружница на бугарска компанија која работи во областа на производи за здрав начин на живот. Напиток со истата марка се продава и во Бугарија, каде што бил рекламиран од музичарот Димитар Ковачев – Фанки и пејачот Константин.
Според описот на страницата на продавачот, „Но Полис“ е безалкохолен витамински напиток со растителни екстракти, алкалоиди и витамини, на кој му се припишува способност да го поттикнува побрзото разградување на алкохолот при умерена консумација.
При контролата, грчките власти иззеле 99 пакувања од напитокот. Лабораториската анализа покажала дека тој содржи до шест пати повисока концентрација на витамини во однос на слични збогатени безалкохолни напитоки одобрени од грчките регулатори. Покрај витамините, утврдено е и присуство на кофеин. Во Грција една шише од напитокот се продава за 9,90 евра, додека на бугарскиот пазар цената изнесува 4,17 евра.