Постои одредено нарушување на носечката конструкција на двата соседни објекти, посочи заменик-градоначалникот на Атина надлежен за технички услуги, Парис Харлавтис, по спроведените контроли во непосредна близина на двокатната зграда што во петокот целосно се урна по силна експлозија.
Харлавтис истакна дека надлежните екипи веќе ги донеле првичните заклучоци, а официјалниот извештај се очекува во текот на следната недела.
— Во петокот беше извршен првиот увид од страна на екипата на урбанистичката служба, а денеска направивме и втор увид. Ги имаме првите индикации и заклучоци, па се надеваме дека набрзо ќе го завршиме и конечниот извештај. Постои оштетување на носечката конструкција на двете соседни згради, додека кај останатите објекти во областа оштетувањата се од секундарен карактер — изјави Харлавтис.
Силната експлозија, која се случи во петокот кусо пред 8 часот наутро и однесе шест животи, веројатно била предизвикана од истекување на природен гас. На новинарските прашања околу гасоводната мрежа и конкретните причини, заменик-градоначалникот упати на стручните служби што ја спроведуваат прелиминарната истрага.
— За овие прашања најдобро е да зборуваат експертите — Противпожарната служба која го врши увидот, како и компанијата што го извршила приклучувањето на гасот. Пред зградата се прави и ископ бидејќи истрагата продолжува, па затоа го препуштаме зборот на експертите — нагласи тој.
Во експлозијата загинаа шест лица
Во трагедијата двокатната зграда целосно се урна, а спасувачката операција заврши во саботата попладне. Телата на загинатите беа пронајдени дури по 15 часа под урнатините.
Меѓу жртвите се четири лица кои престојувале во стан изнајмен преку платформата „Ер-Би-Ен-Би“ (тројца американски државјани со албанско потекло и еден Американец дојдени на одмор во Атина), како и повозрасна брачна двојка — Гркинка (77) и Британец (78), кои живееле на првиот кат.
Во меѓувреме, во Службата за судска медицина во Атина во тек е постапката за официјална идентификација на телата на загинатите.