Тврдењата на опозицијата дека државата се соочува со дупка од една милијарда евра исклучиво за пензии се неточни, дециден е директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), Никола Мемов. Во интервју за емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма, тој откри дека институциите работат на целосно нов закон за пензиско осигурување и радикална промена на методологијата за пресметка.
Според Мемов, вкупниот годишен владин буџетски трансфер кон ПИОМ навистина изнесува околу 64 милијарди денари (нешто над една милијарда евра), но структурата на тие средства погрешно се интерпретира во јавноста.
„За исплата на пензиите потребни се 500 милиони евра – толку пари реално недостасуваат помеѓу планираните расходи од 117 милијарди денари и приходите од придонеси од 85 милијарди денари. Останатите средства до една милијарда евра не се за пензии, туку ПИОМ ги префрла за здравствено осигурување на пензионерите – што само за 2026 година изнесува 220 милиони евра – како и транзициски трошоци кон приватните друштва во вториот пензиски столб“, појасни Мемов.
Тој додаде дека токму зголемувањето на пензиите од 7.000 денари по пензионер на годишно ниво значи околу половина милијарда евра повеќе директно кај граѓаните, нагласувајќи дека доколку не беше тоа покачување, фондот практично немаше да бележи дефицит.
Првиот човек на ПИОМ категорично ја отфрли можноста за зголемување на возраста за пензионирање како механизам за кратење на буџетската дупка.
„Ние воопшто не размислуваме во насока на зголемување на старосната граница. Статистиката покажува дека просечниот животен век во Македонија е околу 75 години, а просекот на користење на пензија е едвај 11 години. Доколку старосната граница се помести за уште неколку години, се губи секаква смисла граѓаните да плаќаат придонеси 35 или 40 години, а да уживаат во пензија само 4 до 5 години“, подвлече директорот.
Како главна слабост на постојниот систем, Мемов ја посочи формулата за пресметка базирана на просечна плата и години стаж, комбинирана со лимитот на максималната пензија (околу 85.000 денари).
„Ваквата методологија генерира неплаќање придонеси, особено во реалниот сектор. Кога некој ќе наполни 15 години стаж со повисока плата, пресметува дека натамошните уплати минимално му влијаат на коефициентот, па компаниите и работниците губат мотив реално да пријавуваат приходи и се враќаат на исплата на рака или минималец“, истакна Мемов.
Решението: Нов модел со две компоненти и нов закон
Наместо постојани крпења на постојната регулатива, Мемов најави потреба од целосно нов Закон за пензиско и инвалидско осигурување, за што веќе се водат интензивни меѓуресорски разговори.
Новиот концепт ќе содржи две јасно одвоени компоненти:
- Економска компонента: Пензијата стриктно да зависи од вкупниот износ на реално уплатените средства во текот на целиот работен век ревалоризирани во реални пари, поделени на работниот стаж. Со тоа, секој уплатен денар директно ќе ја зголемува пензијата и ќе спречи дестимулација.
- Социјално-солидарна компонента: Доплатата до законски утврден социјален минимум за оние со најниски примања повеќе да не паѓа на товар на ПИОМ, туку да биде субвенционирана како социјален додаток преку Министерството за социјална политика.
Парите од вториот столб да одат во капитални проекти
Мемов отвори и прашање за преку 3,4 милијарди евра заштеди на 640.000 осигуреници во вториот пензиски столб, од кои над 70% моментално се пласирани во државни обврзници со низок принос што го јаде инфлацијата.
Тој предложи законска либерализација со која овие приватни пензиски фондови би можеле да инвестираат во профитабилни домашни капитални инвестиции.
„Ако во приватните друштва имаме 3,5 милијарди евра, зошто тие пари да не се вложат, на пример, во капитални проекти како хидроцентралите ‘Чебрен’ и ‘Галиште’? Сите 600.000 осигуреници би станале реални акционери во капитален државен енергетски објект и би остварувале профит од продажбата на струја“, посочи директорот.
Како лична иницијатива од раководството на фондот, Мемов најави дека ќе достави предлог до Владата и ресорното министерство за воведување пензиски механизам или социјална заштита за мајките кои немаат работен стаж, со цел да се валоризира нивниот придонес во одгледувањето на семејството и општеството.