Премиерот Христијан Мицкоски најави нови кадровски промени во вториот и третиот ешалон на власта, кои треба да се реализираат во период од една до две недели. Станува збор за позиции на заменици-министри и директори, а конечните решенија ќе бидат усогласени со коалициските партнери.
Одговарајќи на новинарско прашање кога да се очекуваат промените, Мицкоски изјави дека веќе има јасна слика за кадровските решенија. „Отприлика знам што, каде и како. Потребно е коалициски да потврдиме и тоа ќе се случи во наредната недела или две“, рече Мицкоски.
Промените следуваат по јулската реконструкција на Владата, кога беа направени измени на повеќе министерски позиции. Уште при најавата на реконструкцијата, премиерот посочи дека прашањето за заменик-министрите ќе биде отворено наесен.
Засега не се открива кои заменици-министри и директори ќе бидат сменети, ниту кои имиња се разгледуваат за нивни наследници.