Поврзувањето на криминалистичките и финансиските истраги, одземањето имот и примената на посебни истражни техники се во фокусот на новата обука за полициски службеници и истражители која започна во Полициската академија во Скопје.
Обуката е организирана од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC), со поддршка од Амбасадата на Соединетите Американски Држави, а се реализира во рамки на проектот за поддршка на спроведувањето на Националната стратегија за дроги.
На отворањето се обрати министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој истакна дека борбата против недозволената трговија со дрога останува меѓу приоритетите на Министерството.
Тој посочи повеќе реализирани акции во кои биле запленети различни видови дрога, меѓу кои повеќе од 10 килограми кокаин, над 40 тони марихуана и канабис-биомаса, како и дополнителни заплени од 150 и 65 килограми марихуана. Како последен пример ја наведе акцијата од минатата недела, во која биле откриени 680 килограми стебла канабис.
Според Тошковски, во изминатиот период биле реализирани и повеќе случаи поврзани со хероин и синтетички дроги, меѓу кои амфетамин, метамфетамин и МДМА.
Министерот нагласи дека понатамошното постапување треба да биде насочено не само кон откривање и заплена на наркотични средства, туку и кон идентификување на лицата, криминалните структури и финансиските текови поврзани со недозволената трговија.
„Нашата цел е овие активности да продолжат со уште поголема ефикасност и да бидат насочени не само кон заплената на дрогата, туку и кон откривање на лицата, структурите и финансиските текови што стојат зад нејзината трговија. Тоа бара силна меѓународна соработка, навремена размена на информации и заедничко дејствување“, рече Тошковски.
На настанот присуствуваа и Каролајн Р. Боденхеген, директор во Бирото за меѓународни прашања поврзани со наркотици и спроведување на законот (INL), и Данило Рици, регионален претставник на UNODC за Југоисточна Европа.
Тошковски ја истакна поддршката од САД во јакнењето на институционалните и оперативните капацитети на МВР, како и соработката со UNODC во борбата против организираниот криминал.
Обуката е насочена кон практични знаења и современи истражни методи за поефикасно откривање и кривично гонење на организирани криминални структури поврзани со недозволена трговија со дрога.