Десет лица се лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие поради управување возило без положен возачки испит, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Полициските службеници ги лишиле од слобода на различни локации во државата поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.
Станува збор за С.А. (33), Д.Т. (29), Љ.Џ. (22) и С.М. (19), сите од Скопје, Ф.Б. (32) и М.О. (36) од село Студеничани, скопско, Ф.А. (44) од село Петровец, скопско, М.М. (25) од село Батинци, скопско, 24-годишната В.Ѓ. од Тетово и М.Ј. (34) од Неготино.
Од МВР информираат дека кај последниот случај дополнително било утврдено дека возачот управувал и под дејство на алкохол.
По целосното документирање на случаите, против десетте лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР повторно апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возило без положен возачки испит, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол.
Од Министерството посочуваат дека почитувањето на сообраќајните правила е од заедничко значење за зголемување на безбедноста на патиштата.