Македонија

Сите студенти кои ги исполнуваат условите ќе добијат место во домовите, вели Јаневска

Сите студенти кои ги исполнуваат условите ќе добијат место во домовите, вели Јаневска

Во Министерството за образование и наука пристигнале две иницијативи насочени кон подобрување на студентскиот стандард, а во моментов се прават анализи и пресметки за нивната реализација, информираше министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, Јаневска посочи дека конечните решенија ќе зависат од расположливите буџетски средства.

„Ние ги анализираме и правиме пресметки и јас се надевам дека ќе изнајдеме решение во рамките на нашите буџетски можности и тоа ќе им биде соопштено на студентите. Јас исто така повеќепати сум рекла дека ќе има приоритети и еве, ова е приоритет – нивното живеење и нивните услови за учење се приоритет. За еден-еден и пол месец и пол ќе се видиме во Кузман и тоа се, јас ги кажав средствата кои се трошат“, изјави Јаневска.

Таа додаде дека во изминатиот период се инвестирало и во опремување на лабораториите на факултетите, односно во нагледни средства што ги користат студентите при учењето и работата.

„Така што верувам дека и сите нивни барања со тек на време ќе ги исполниме, повторувам, во рамки на буџетските можности“, рече министерката.

Во однос на студентското сместување, Јаневска потврди дека постапката се одвива според предвидениот план. Таа посочи дека сите редовни студенти кои ги исполнуваат условите ќе добијат место во студентските домови.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни