Македонија

Номинираниот амбасадор на САД во Софија: Во американски интерес е Македонија да влезе во ЕУ

Номинираниот амбасадор на САД во Софија: Во американски интерес е Македонија да влезе во ЕУ

Надминувањето на несогласувањата меѓу Бугарија и Македонија би било дел од дипломатските предизвици со кои би се соочил Даглас Холдер доколку биде потврден за нов амбасадор на Соединетите Американски Држави во Бугарија.

Холдер, номиниран од американскиот претседател Доналд Трамп, вчера беше сослушан пред Комисијата за надворешни односи на американскиот Сенат. Во рамки на сослушувањето тој беше прашан и за улогата на Вашингтон во однос на европската интеграција на Македонија.

„Проблемите меѓу овие две земји се донекаде сложени. Односите што САД ги имаат со двете земји се добри. Тоа е тешка задача, бидејќи не сакаме да ја изгубиме врската со ниту една од нив со тоа што би се вклучиле во спорот што го имаат меѓу себе“, изјави Холдер.

Тој посочи дека, доколку биде потврден, неговата намера би била да разговара со лидерите на двете земји и да поттикнува меѓусебно разбирање со цел да се постигне поставената цел.

На прашањето дали смета дека е во американски интерес Македонија да успее да се приклучи кон Европската Унија, Холдер одговори потврдно.

„Мојата намера, доколку бидам потврден, би била да ги одржувам односите меѓу двете држави, разговарајќи со нивните лидери и поттикнувајќи одредено меѓусебно разбирање, за да можат да ја постигнат поставената цел“, рече Холдер.

Во своето обраќање пред сенаторите, тој ги претстави и приоритетите што би ги имал како амбасадор во Софија. Меѓу нив ги посочи економските односи, трговијата и деловната соработка, како и зајакнувањето на одбранбената соработка.

Холдер ја опиша Бугарија како важен сојузник на САД во регионот на Црното Море и членка на НАТО. Во тој контекст, тој најави продолжување на соработката во областа на одбраната, како и поддршка за понатамошната помош на Бугарија за Украина. Претседателот на Комисијата за надворешни односи на Сенатот, Џим Риш, исто така ја истакна важноста на Бугарија како сојузник на НАТО и нејзината улога во регионалната безбедност.

Доколку биде потврден, Холдер би ја презел функцијата по период во кој амбасадата на САД во Софија ја предводи вршител на должноста амбасадор. Неговата номинација до Сенатот била испратена на 1 јуни 2026 година.

Холдер има искуство во приватниот сектор, јавната служба и работата со локалните заедници. Претходно бил член на Претставничкиот дом на сојузната држава Флорида, а потоа работел како советник на компании и организации.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни