Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека европската определба на земјава не е спорна, но дека е потребен „фер и заснован на јасни правила“ процес. По средбата со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Скопје, најавен е и конкретен чекор во обновување на политичкиот дијалог со Бугарија.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во вторник ќе отпатува во Софија на средба со својот бугарски колега, каде што, според најавата, ќе се обиде да организира и средби на повисоко ниво. Ова на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го соопшти премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека станува збор за конкретен чекор кон обновување на политичкиот дијалог меѓу двете земји.
Мицкоски порача дека Владата останува на курсот кон Европската Унија, но инсистира разговорите со источниот сосед да се водат со поголема предвидливост и со присуство на ЕУ. Како што посочи, целта е аргументите на двете страни да бидат слушнати во присуство на претставниците на официјален Брисел.
„И не бараме од Унијата да зазема страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно. Обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања“, изјави премиерот.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен од Скопје порача дека постои клучен чекор што треба да се направи за земјата да може да се придвижи напред, по што би следувале патоказите. Таа објасни дека патоказите за пристапување во моментов се однесуваат на државите кои веќе се во тек на пристапните преговори, а дека Брисел работи на ревидирање на насоките за да бидат подготвени кога Македонија ќе го постигне, како што рече, и последниот чекор, односно договор со Бугарија.
„Можеме да бидеме мошне брзи со Северна Македонија затоа што веќе интензивно работиме на реформите кои што се неопходни. Да, сè уште има работа, но импресивно е она што досега го имате направено и сега се фокусираме на тоа да ја деблокираме ситуацијата за да можеме потоа да дојдеме со патокази во Северна Македонија“, изјави фон дер Лајен.
Во рамки на официјалната посета на Скопје, претседателката на Европската комисија остварила средба и со шефицата на државата Гордана Сиљановска Давкова. На средбата станало збор за евроинтегративниот процес и за надминување на спорот со Бугарија.