Жители од кумановското село Шупли Камен излегоа на мирен протест поради, како што велат, експлоатација на песок од речното корито на Пчиња. Тврдат дека коритото е оштетено и продлабочено, а стравуваат дека селото и нивите може да останат без вода.
Мештаните од Шупли Камен реагираат дека со ископите во речното корито е нарушена природната состојба на реката и дека последиците веќе се чувствуваат во селото. Според нив, нивото на водата во бунарите е намалено, а проблем има и со наводнувањето на обработливите површини. „Ни узурпираат реката. Експлоатација вршат по реката и нè оставаат без вода“, порачаа дел од жителите на протестот.
Тие велат дека состојбата станува ризична и за безбедноста на населението. „Животите ни се загрозени. Се работи за човечки животи. Тука се губат човечки животи. Опасно за живеење веќе станало реката и затоа се собравме тука на мирен протест“, изјавија мештани. Посочуваат дека доколку продолжи експлоатацијата, последиците ќе бидат сериозни и за населението и за земјоделството во селото.
Според жителите, во селото има околу 200 куќи и стравуваат дека евентуалното дополнително продлабочување на коритото ќе предизвика повлекување на водата од бунарите. „Ако останеме без вода и доколку црпат уште еден метар-два, да го намалат нивото на речното корито, по автоматизам водата ќе се повлече од бунарите овдека што се направени и ќе снемаме цело село вода“, предупредија тие.
Мештаните укажуваат дека на одредени места речното корито е длабоко повеќе од пет метри. Велат дека досега имало четири несакани настани, а потсетуваат и дека во 2019 година била издадена забрана за работа. Според нив, уредување на коритото не е потребно. „Месното население нема потреба од уредување на речно корито. Значи ние сме си задоволни од ова речно корито“, велат жителите, додавајќи дека експлоатација имало и пред шест-седум години и дека тогаш, како што тврдат, имало и смртни случаи, а селото и нивите останале без вода.
На терен излегол Државниот инспекторат за животна средина. Оттаму потврдиле дека компанијата има издадено дозвола од министерството за уредување на речното корито. „Операторот има дозвола, носител е Водостопанство, а тие имаат предадено на приватен стопанственик да ја работи делницата. Тука сме да ги заштитиме граѓаните, доколку има непочитување. Во моментов утврдуваме дека има дозвола и од наша страна не се утврдени неправилности“, изјавиле од инспекторатот.
Жителите најавија дека блокадата ќе трае сè додека, како што велат, не се слушне нивниот проблем и не се најде решение за состојбата со реката Пчиња.