Македонија

Голем пожар во Прилеп, гори текстилен отпад

Голем пожар во Прилеп, гори текстилен отпад

​Голем пожар попладнево изби во кругот на поранешниот Сточен пазар, односно кај месноста позната како Терминалот во Прилеп, каде што гори огромна количина на натрупан текстилен отпад. Густ, црн и задушлив чад веќе со часови се шири над градот и околните населби, предизвикувајќи паника и револт кај граѓаните, кои алармираат за сериозна еколошка опасност.

​Според првичните информации од терен, пламените јазици зафатиле депонирани остатоци од текстил, сунѓери и пластичен отпад, што создава токсични гасови со исклучително непријатна миризба. Поради силината на огнот и запаливоста на материјалот, чадот се издига високо и е видлив од речиси сите делови на Прилеп, но и од патниот правец кон Битола.

​Противпожарните екипи на Територијалната противпожарна единица Прилеп се на терен со повеќе возила и се обидуваат да го локализираат огнот, но гаснењето на текстилниот отпад оди тешко бидејќи жариштата се длабоко под површината на натрупаниот материјал. Во акцијата за прекривање на опожарениот простор со земја се очекува да се вклучи и тешка градежна механизација од јавните претпријатија.

​Граѓаните кои живеат во близина на Терминалот сведочат дека воздухот е неподнослив и апелираат надлежните итно да интервенираат, но и конечно да се најде системско решение за дивите депонии со индустриски и текстилен отпад што со години никнуваат на овој потег.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни