Премиерот Христијан Мицкоски реагираше на пренесувањето на посмртните останки на цар Самоил од Грција во Бугарија, потсетувајќи на Бледскиот договор и на пренесувањето на моштите на Гоце Делчев во Скопје.
Мицкоски рече дека актуелните случувања ги коментира во контекст на договорот постигнат по Втората светска војна.
„Јас тоа го коментирам во насока на Бледскиот договор, кој е постигнат веднаш по капитулацијата на фашистичка Бугарија, која, би рекол, за време на Втората светска војна ја окупирала територијата на денешна Македонија“, изјави Мицкоски.
Тој се осврна и на различните толкувања на улогата на Бугарија во Македонија за време на Втората светска војна, упатувајќи критики и кон поранешни политичари од опозицијата.
„Некои тоа го нарекуваат ‘администрирање’. Станува збор за поранешни политичари кои веќе не се на функција, но сè уште се активни во опозицијата, преку совети го насочуваат раководството на опозицијата, си имаат свои кукли таму и управуваат со нив“, рече премиерот.
Во однос на пренесувањето на моштите на цар Самоил, Мицкоски направи паралела со пренесувањето на моштите на Гоце Делчев во Скопје.
„Што се однесува до пренесувањето на моштите, јас би се вратил неколку децении наназад, кога моштите на македонскиот великан Гоце Делчев, како резултат на тој договор – Бледскиот договор – се донесени во Скопје“, изјави Мицкоски.
Според него, тоа е историски настан на кој Македонците треба да бидат горди.
„Тоа е нешто што треба нас, како Македонци, да нè прави горди, затоа што моштите на тој великан, кој во своето време бил пред времето, симболизираат многу за македонскиот идентитет“, додаде тој.
Мицкоски оцени и дека денес недоволно се зборува за Бледскиот договор и за она што било договорено во тој период.
„Штета е што денес малкумина го споменуваат Бледскиот договор и сето она што било договорено таму“, рече Мицкоски, повторувајќи го својот став дека Бугарија за време на Втората светска војна ја окупирала територијата на денешна Македонија.
Реакцијата доаѓа во денот кога посмртните останки што му се припишуваат на цар Самоил се пренесуваат од Грција во Бугарија, каде што е организирана државна церемонија за нивниот пречек.