Растот на цените на горивата на светскиот пазар во последниот период не се должи на недостиг од сурова нафта, туку на намалените рафинериски капацитети и зголемените трошоци за нејзина преработка. Ова го посочи претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според Ристов, РКЕ ги утврдува малопродажните цени на горивата еднаш неделно, врз основа на однапред утврдена методологија и формула која е јавно достапна. Сепак, влезните параметри во формулата зависат од движењата на светските берзи.
„На берзите се случи енормен скок што никој не можеше да го предвиди. Цените на дериватите од почетокот на воените конфликти се речиси удвоени — од 650 до 700 долари за тон во март, достигнаа и до 1.500 долари за тон. Сепак, денес имаме специфичен апсурд: сурова нафта на светскиот пазар има во изобилие и таа е евтина, но проблемот е во преработката“, објасни Ристов.
Намалени рафинериски капацитети
Како еден од клучните фактори за растот на цените, Ристов ги посочи оштетувањата на рафинериските капацитети во повеќе региони.
Според него, воените дејствија на Блискиот Исток уништиле околу 30 проценти од рафинериските постројки во регионот, додека сериозно биле погодени и капацитетите во Украина и Русија, кои се значајни производители на нафтени деривати, особено дизел.
Ристов смета дека преостанатите рафинерии ја искористиле намалената понуда за значително зголемување на профитните маржи. Дополнителен проблем е што изградбата на нова рафинерија бара најмалку пет до шест години.
„Ова е директна манипулација со цените од страна на рафинериите. Ако претходно преработката чинеше од 30 до 40 долари по тон, сега таа услуга се наплаќа од 400 до 500 долари за тон. Играта околу цените во моментов ја играат преработувачките компании. Европа и САД мора да седнат и глобално да го регулираат овој пазар за да ги принудат компаниите да ги намалат маржите“, додаде тој.
Зошто дизелот е поскап од бензинот?
Ристов се осврна и на актуелната разлика меѓу цените на дизелот и бензинот, посочувајќи дека зголемената побарувачка и намалената понуда придонесуваат дизелот да достигнува повисока цена.
„Дизелот е апсолутно доминантен и учествува со дури 85 проценти во вкупната потрошувачка на сите нафтени деривати. Тој е примарен за целиот транспортен сектор, но и за воените потреби во сите конфликтни зони. Поради енормната побарувачка и намалената понуда од рафинериите, дизелот го зазеде првото место по цена, што досега никогаш се нема случено во енергетиката“, заклучи Ристов.