Потреба од промени во раководството и побрзо внатрепартиско консолидирање има Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, смета проф. д-р Андреј Петров. Во гостувањето на 4ТВ, тој зборуваше за целите на новата платформа и иницијативата за поинакво опозициско дејствување.
Петров оцени дека евентуалното повлекување на Венко Филипче од лидерската позиција би можело да биде корисно за СДСМ, бидејќи на тој начин би се отворил простор за избор на ново раководство директно од членството.
„Ако Филипче се повлече, ќе му помогне на СДСМ, бидејќи во моментов и тој се мачи и СДСМ се мачи. Тоа ќе овозможи да се избере ново раководство – кое нема да биде октроирано, туку ќе биде директен производ и избор на членството на еден достоинствен начин. Мора да го сопреме надолниот пат и понирањето на партијата за да не ги пречекаме следните избори, кога и да бидат, од уште полоша позиција“, изјави Петров.
Тој нагласи дека иницијативата има за цел да поттикне легитимни промени во СДСМ и да создаде услови партијата да добие покомпетентно раководство.
Покрај внатрепартиските промени, Петров зборуваше и за можноста за пошироко обединување на опозицијата. Според него, платформата веќе покажала дека може да разговара со различни политички субјекти со цел создавање поширок опозициски блок.
Во дискусиите, како што посочи, учествувале различни партии – од центристичкиот политички спектар, меѓу кои ЛДП, до Партијата на Србите, но и Левица.
Петров призна дека учеството на Левица отворило одредени дилеми, како кај иницијаторите, така и пошироко во опозициските редови. Сепак, според него, неопходен е дијалог со секој политички субјект кој сака да се спротивстави на актуелната власт.
„Јасно е дека не се согласуваме за сите политики ниту со ЛДП, ниту со Партијата на Србите, ниту со Левица. Но, имаме заедничка точка – дека државата мора да биде подобра. Сакаме да создадеме опозициски блок, без разлика дали таа соработка ќе биде лабава или поцврста, кој здружено ќе им се спротивстави на политиките на сегашната власт“, заклучи Петров.