Полицијата во изминатото деноноќие привела 12 возачи на различни локации низ државата поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“. Најголем дел од нив, односно девет лица, управувале возила без претходно да положат возачки испит.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, меѓу приведените се Д.Д.(26) од Скопје, М.Б.(29) од село Црн Врв, скопско, М.П.(18) од село Мршевци, скопско, 15-годишник од село Студеничани, скопско, Н.Б.(48) и А.А.(44) од Битола, И.К.(51) од село Виничани, Општина Градско, 16-годишник од Велес и Љ.М.(61) од село Стамер, делчевско.
Дополнително, Б.Б.(60) од село Зајас, кичевско и М.М.(37) од Велес биле затекнати како управуваат возило со активна забрана за управување и под дејство на алкохол.
Под дејство на алкохол управувал и Љ.Џ.(48) од село Разловци, делчевско.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од полицијата апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возило без положен возачки испит, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол.