Потребна ли е партиска книшка за место во студентски дом? Одговараат Конески од УМС и Кузмановска од СДММ
РРедакција|
Дали за добивање соба во студентските домови одлучуваат партиски книшки и врски или чисто бирократски критериуми, но и кој е вистински заслужен за реконструкцијата на објектите? Ова беа клучните точки на жестоката дебата меѓу претставниците на младинските крила на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Тодор Конески ги отфрли обвинувањата за партизација при распределбата на студентските соби, истакнувајќи дека влезот во домовите се врши исклучиво врз основа на исполнување на пропишаните услови.
„За добивање место во студентски дом не одлучува тоа дали некој е член на политичка партија или фатил некаква врска, туку фактот што бирократски ги исполнува сите потребни услови според конкурсот“, истакна Конески.
Осврнувајќи се на критиките околу транспарентноста и објавувањето на листите со бодови, тој реагираше на, како што рече, неконзистентноста во аргументите на опозицијата:
„Станува збор за правилник донесен уште во 2014 година. Не може да се аргументира за објавувањето на листите сега, кога изминатите седум години, додека СДСМ беше на власт, тие исти листи не беа објавени седум пати по ред. Мора да има конзистентност во ставовите.“
Од друга страна, претставничката на СДММ, Стефанија Кузмановска, истакна дека сегашната власт промовира проекти чии средства и реализација беа обезбедени во времето на претходната влада.
Заслуги и обезбедени средства: Кузмановска потсети дека парите за реконструкција на студентските домови биле обезбедени уште во 2019 година, обвинувајќи ја тогашната опозиција дека го кочела процесот во Собранието.
Промоции наместо брзи современи услови: Таа критикуваше дека сегашната власт се организира со свечени отворања и коктели за проекти финансирани од претходната гарнитура.
„Супер е тоа што се одржува континуитет во реконструкцијата, но вие денес се китите со туѓи перја и средства обезбедени од претходната влада. Студентите немаат време да чекаат со месеци за да ги решите безбедносните аспекти – најавивте отворање на ‘Кузман Јосифовски – Питу’ за оваа година, но отворање така и не видовме“, порача Кузмановска.
Ноќно студио
Најнова епизода
Ноќно студио со Стефанија Кузмановска и Тодор Конески 10.06.2026