Втор ден трае блокадата на патот што води кон кумановската депонија, организирана од жители на Пчиња, Студена Бара и околните кумановски и скопски села. Тие велат дека ќе останат на протест сè додека надлежните локални и државни институции не понудат решение за долгогодишниот проблем со загадувањето.
Жителите на Пчиња, Студена Бара и околните населени места и денеска го блокираа патот кон кумановската депонија, барајќи конкретни чекори за справување со загадувањето на животната средина. Според нив, досегашните средби и договори не дале резултат, а проблемот со години останува нерешен.
„Досега од одлуките немаме ништо, никој не се има јавено. Со блокадата ќе продолжиме сè додека не ни се исполнат условите за чист воздух“, велат жителите. Тие посочуваат дека имале бројни состаноци и потпишани меморандуми со Општина Куманово, но, како што наведуваат, „ниту една точка не е исполнета“.
Дел од жителите ги повикаа надлежните лично да ја видат состојбата на терен. „Нека повелат, нека дојдат еден ден наши гости да бидат, нека видат како е и тогаш нека ни судат и нека ни пресудат“, порачаа тие, изразувајќи незадоволство од, како што велат, досегашниот однос на институциите.
Во меѓувреме, комуналното претпријатие продолжува со интервенции на депонијата со, како што беше посочено, скромна механизација. Пожарот е изгаснат, но чадот и натаму се шири. Во моментов се собира отпад само од централното градско подрачје, додека отпадот се депонира и во соседните Ранковце и Кратово.
Од претпријатието велат дека се работи интензивно на терен. „Вршиме големо нанесување на земја. Работиме интензивно, меѓутоа сè уште ситуацијата горе на Краста на депонијата не е онаква како што ние сакаме да биде“, беше посочено во изјавата. Оттаму додаваат дека во населбите и селата воопшто не се испраќаат камиони, а во текот на вчерашниот и денешниот ден „околу четириесет, четириесет и пет тона отпад од Куманово се однесе на депониите во Кратово и во Ранковце“.
Поради изменетиот режим на собирање отпад, дел од граѓаните стравуваат од дополнително влошување на состојбата. Жители сведочат дека контејнерите во одделни населби се преполни и дека камионите не поминале според вообичаениот распоред, што отвора прашања дали може да се продлабочи еколошкиот проблем.
Од Општина Куманово велат дека трајно решение се очекува откако ќе профункционира регионалната депонија во Свети Николе, по што Краста треба да стане претоварна станица.