Европратениците изнесоа различни позиции за можноста одлуките поврзани со проширувањето да се носат со двотретинско гласање и со ограничување на правото на вето кога станува збор за билатерални спорови. Дел од нив сметаат дека едногласноста треба да остане за клучните одлуки, додека други предупредуваат дека не смее да се злоупотребува и дека за одредени прашања е потребна поголема ефикасност.
Двотретинското гласање за проширување и ограничување на правото на вето поради билатерални спорови предизвика различни реакции меѓу европратениците. Според изнесените ставови, дел од пратениците се залагаат за задржување на едногласноста, додека други сметаат дека Унијата треба да биде поефикасна во носењето одлуки во процесот на проширување.
Во расправата беше посочено дека „едногласноста е важен чекор“, но дека треба да остане пред сè за почетокот на преговорите и за приемот на нова членка, „но не за меѓучекори како за отворање на кластери“. Наспроти тоа, беше искажан и став дека „укинувањето на едногласноста и замена со квалификувано мнозинство е забрзано“ и дека „не треба да се брза со прием на секој кандидат ако не е подготвен“.
Во таа насока, во дебатата беше спомната и Северна Македонија, при што беше наведено: „На пример Северна Македонија, каде се нарушуваат човековите права.“ Истовремено, дел од учесниците во расправата нагласија дека не се против самото право на вето, туку против неговата злоупотреба. „И јас сум за едногласност, но не и да се злоупотребува. Не сакаме да го укинеме, туку за да бидеме поефективни за некои одлуки, членките ќе дискутираат да гласаат со мнозинство“, беше порачано во дебатата.
Еврокомесарката Кос, пак, истакна дека билатералните спорови не треба да бидат дел од процесот на проширување. Таа нагласи дека тие „немаат ништо заедничко со проширувањето и треба да се решаваат билатерално“.
Европратениците изразија и загриженост поради различниот третман на земјите кандидатки. Според нив, дел од кандидатките се третираат како лидери, додека за други се предлага постепена интеграција, што, како што беше посочено, „не е иста за сите“. Во одговор на тоа беше наведено дека земјите кандидатки имаат различно ниво на подготвеност по области. Како пример беше посочено дека „ако Украина е силна во безбедноста во таа област, ќе ги интегрираме полесно и побрзо од другите“, додека други кандидатки би можеле да бидат поподготвени за приклучување кон еколошкиот пакет, кој е „доста финансиски тежок“.
Според најавите, новата стратегија за проширување треба да биде усвоена од сите земји членки на престојниот Совет, при крајот на следната недела.