Оружје и муниција биле пронајдени во возило со австриски регистарски ознаки при контрола на Граничниот премин Табановце. Полицијата го привела 62-годишниот возач, државјанин на Австрија.
Од МВР информираат дека случајот се случил на 7 октомври околу 18 часот, кога полициски службеници при влез во државата извршиле гранична контрола и преглед на кампер-возило „Фиат“ со приколка.
При претресот кај П.Р. (62) биле пронајдени и одземени еден гасен пиштол, еден револвер, пакување со 90 дијаболи и пакување со 22 иницијативни каписли.
За случајот бил известен јавен обвинител, а австрискиот државјанин бил предаден на полициски службеници од СВР Куманово.
Од МВР додаваат дека по целосното документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.