Православните верници денеска го чествуваат Преподобен Киријак Отшелник, еден од познатите христијански подвижници, кој според црковното предание живеел 109 години, посветувајќи го својот живот на молитва, пост и духовно усовршување.
Свети Киријак е роден во Коринт, во семејството на Јован и Евдокија. Неговиот татко бил презвитер, а уште во раната младост Киријак бил поставен за чтец во соборната црква од страна на месниот епископ Петар, кој му бил роднина.
На 18-годишна возраст, воден од желбата за духовен живот, заминал во Ерусалим, каде што ги направил првите чекори во монаштвото. Подоцна станал ученик на свети Ефтимиј, кој го упатил кај свети Герасим на реката Јордан. Таму поминал девет години, по што се вратил во манастирот на свети Ефтимиј, каде што живеел во молитва и безмолвие уште една деценија.
Во текот на животот престојувал во повеќе манастири и пустински предели, избегнувајќи ја човечката слава и посветувајќи се на строг монашки живот.
Според житието, и покрај долготрајниот пост и бдеење, Киријак ја зачувал својата телесна сила до длабока старост. Во одредени периоди од животот во пустината се хранел исклучиво со сурови растенија.
Бил познат и по строгите монашки правила, според кои монасите јаделе само еднаш дневно, по зајдисонце. За себе велел дека сонцето никогаш не го видело ниту како јаде, ниту како се гневи на некого.
Црковното предание го опишува како голем бранител на православната вера, духовен учител и чудотворец, на кого му се припишуваат исцелувања на болни и утеха на луѓето во страдање.
Преподобен Киријак Отшелник починал во 557 година, на возраст од 109 години, во обителта на свети Харитон, оставајќи зад себе духовно наследство кое и денес се почитува во православната традиција.