Во Арачиново, четири дена по пожарот на дивата депонија, жителите и натаму се соочуваат со чад, непријатна миризба и печење на очите. Ваквата состојба станува секојдневие кога во близина има дива депонија од која сè уште се шири чад. Дел од жителите велат дека се загрижени за своето здравје, но не знаат каде да се обратат. „Па сум загрижен, ама кај да се жалим“, вели жител, додека друг посочува дека депонијата ги загрозува и нивите.
Еколошките активисти бараат конкретни мерки за да се спречат нови пожари и да се стави крај на проблемот. Според нив, во решавањето мора да бидат вклучени повеќе институции. Потребно е Државниот инспекторат да прави надзор и, секако, да се изготви национален план за справување со овие депонии. Активистите предлагаат и примена на стратегија за „нула отпад“, при што органскиот отпад би се искористувал во биогасни централи, а градежниот шут би се преработувал механички.
Реакции стигнаа и од политичките партии. Од Левица оценуваат дека надлежните институции повторно не успеваат да обезбедат основни услови за живот и дека одговорноста се префрла од една на друга институција. „Тие се договараат чија е надлежноста, а ние во меѓувреме дишеме отров“, велат од партијата.
Од ДОМ, пак, предупредуваат дека пожарите на нестандардната депонија „Краста“ во Куманово, која според нив гори веќе шест месеци, како и пожарот на депонијата во Струмица, се јасен сигнал дека се потребни итни и суштински промени во управувањето со комуналниот отпад во Македонија.
Во меѓувреме, жителите на селата Студена Бара и Пчиња ја прекинале блокадата на депонијата „Краста“, откако пожарот бил изгаснат, а сметот затрупан со земја. Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека превентивата е обврска на општините, како и на чуварските служби, вклучително и култивацијата со земја. Според инспекторатот, за овие нестандардни локации „се надлежни и за одржување и за вршење инспекциски надзор општините преку градоначалникот, органите на општините и директорот и ЈКП“.
Од инспекторатот додаваат и дека по опожарување на настрадани локации досега не се вршени мерења, освен во случајот со „Дрисла“, која има А-интегрирана еколошка дозвола и спроведува мониторинг на квалитетот на амбиенталниот воздух. Случаите со Арачиново, Куманово и Струмица повторно ја алармираат јавноста за последиците од долгогодишното нерешавање на проблемот со депониите.