Свет

Германија се соочува со проблемот на детските бракови, малолетнички се мажеле за возрасни мажи

Германија се соочува со проблемот на детските бракови, малолетнички се мажеле за возрасни мажи

Стотици брачни заедници во кои едниот или двајцата сопружници биле малолетни се евидентирани во германската покраина Баден-Виртемберг, но само мал дел од нив завршиле со правосилно судско поништување. Од 2012 година досега се регистрирани 358 вакви случаи, а судовите поништиле само осум брака.

Податоците се содржани во одговорот на покраинските власти на пратеничко прашање и се однесуваат на бракови склучени во странство, пренесува „Еуроњуз“.

Според информациите собрани од регионалната управа во Тибинген, осумте брака биле правосилно поништени во периодот од 2018 до 2024 година.

Меѓу нив е и случајот со 11-годишно девојче од Ирак, кое било омажено за 17-годишен сонародник. Бракот бил поништен во 2020 година. Две години претходно, судот поништил и брак меѓу 14-годишно девојче од Авганистан и 30-годишен маж.

Во текот на 2024 година биле поништени уште два брака. Едниот бил меѓу 16-годишна Германка и 25-годишен државјанин на Пакистан, а другиот меѓу 16-годишна девојка од Сирија и 27-годишен маж од истата земја.

Пратеникот Николаус Бутаголу оценил дека станува збор за сериозен проблем за кој не се зборува доволно. Од Министерството за внатрешни работи појасниле дека евиденцијата опфаќа исклучиво бракови склучени надвор од Германија.

Повеќето случаи не завршиле со судско поништување

Од преостанатите 350 случаи, евидентирани во периодот од 2015 до 2026 година, повеќето биле затворени од други причини. Меѓу нив се смрт на еден од сопружниците, достигнување полнолетство, одлука да не се покрене постапка за поништување или склучување нов брак во странство.

Тоа значи дека овие бракови не биле правосилно поништени од суд.

Во евиденцијата за 2023 година се наоѓа и случај на 12-годишно девојче од Авганистан, омажено за 21-годишен маж. Во повеќе случаи се појавуваат и девојчиња на возраст од 13 и 14 години. Меѓу најновите евидентирани случаи од 2026 година има бракови на 16- и 17-годишни девојки со возрасни мажи.

Според Министерството за внатрешни работи, во моментот на доставувањето на податоците немало активни судски постапки за поништување на детски бракови.

Во Германија од летото 2017 година е во сила закон за спречување на детските бракови, а во 2024 година Бундестагот усвоил и нови правила за заштита на малолетниците во брачните заедници склучени во странство.

Повик за поефикасна заштита на малолетниците

Пратеничката Емели Кнор предупредила дека детските бракови ја загрозуваат безбедноста и иднината на малолетниците. Таа повикала на порано препознавање на ризиците, поефикасна заштита и поодлучна борба против присилните бракови.

Пратениците побарале информации и за последиците од присилните бракови врз образованието на малолетниците. Министерството за образование соопштило дека не располага со податоци што би овозможиле да се утврди колку ученици се погодени од оваа појава.

Ниту покраинската влада има целосни информации за земјите во кои биле склучени браковите. Во евиденцијата се внесуваат возраста и државјанството на сопружниците во моментот на венчавката, бидејќи овие податоци се важни за евентуална постапка за поништување.

Дополнителен показател за проблемот се податоците на советувалиштето „Јасемин“, кое е финансирано од државата и им помага на лица погодени од присилни бракови. Во текот на 2025 година биле евидентирани 271 советување. Во 80 случаи станувало збор за лица изложени на ризик од присилен брак, а 33 од нив биле малолетни.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Марина Малиш Саздовска 13.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни