Седум лица се уапсени во Србија под сомнение дека биле дел од организирана криминална група поврзана со две убиства и киднапирање. Со кривичната пријава се опфатени уште пет лица, меѓу кои и М. С., кој се наоѓа во затвор во Македонија, соопшти Јавното обвинителство за организиран криминал на Србија.
Според истрагата, групата се сомничи дека ги организирала и извршила убиствата на Милан Стоковиќ во областа на Пожаревац и на Живко Бакиќ во Белград. Стоковиќ бил киднапиран на 14 октомври 2025 година, додека Бакиќ бил убиен во јануари годинава.
Меѓу уапсените има шест лица од Белград и едно од Пожаревац. Во полициската акција учествувале криминалистичката полиција, Службата за борба против организираниот криминал, Жандармеријата, Специјалната антитерористичка единица и Безбедносно-информативната агенција.
Покрај М. С., кој се наоѓа во затвор во Македонија, со пријавата е опфатено и лице кое веќе е во притвор во Белград. Две лица се во притвор во Грција и Белгија, додека едно лице е во бегство.
Во соопштението на српското обвинителство не се наведува во кој македонски затвор се наоѓа М. С., ниту поради кој случај ја издржува казната.
Осомничените се товарат за здружување заради вршење кривични дела, тешко убиство, киднапирање, незаконско поседување и трговија со оружје и експлозивни материи, како и трговија со дрога.
По истекот на полициското задржување, уапсените ќе бидат спроведени на сослушување пред Јавното обвинителство за организиран криминал.