Денеска точно во 17:00 часот, 13 маратонци по 19-ти пат го започнаа својот традиционален маратон од Нова Градишка, Хрватска, со крајна дестинација Гумење во Крушево. Маратонот се одржува во чест на македонската и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески, кој трагично го загуби животот на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка.
На стартот тргнаа 13 учесници, а уште еден маратонец ќе им се придружи по пристигнувањето во Македонија. Рутата предвидува тие да истрчаат околу 200 километри низ Хрватска, потоа транзитно да ја поминат Србија со возила (согласно локалните сообраќајни прописи), а од македонската граница до Крушево ќе истрчаат уште 220 километри.
„Возбудата е голема, а чувството е неописливо. Без какво било двоумење го започнуваме 19-тиот маратон за Тоше. Нѐ чека долг пат, но крајната цел е јасна – ќе се сретнеме на неговото вечно почивалиште на Гумење во Крушево“, изјави Наум Капричевски, иницијатор и учесник во маратонот.
Пред почетокот на трката, маратонците положија свежи цвеќиња и му оддадоа почит на Тоше пред неговото спомен-обележје во Нова Градишка.
Во текот на вчерашниот ден, тие имаа повеќе значајни средби во Хрватска:
- Се сретнаа со отец Кирко Велински во црквата на МПЦ „Света Злата Мегленска“ во Загреб.
- Беа примени од македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски.
- Ја посетија музичката куќа „Хит рекордс“ со која Тоше соработуваше за време на кариерата.
- Во Меморијалниот центар „Дражен Петровиќ“ остварија средба со мајката на легендарниот кошаркар, Бисерка Петровиќ.
Маратонците беа испратени од претставници на Туристичката заедница на Нова Градишка и од амбасадорот Ѓурчевски. За нивната безбедност и логистика во текот на патот се грижат и двајца професионални возачи обезбедени од Владата.
Пристигнувањето во Крушево е планирано за 16 октомври (петок) точно напладне, на 19-годишнината од смртта на Тоше, каде што граѓаните на Крушево традиционално ќе ги пречекаат со црвени рози.