Бугарското Министерство за внатрешни работи потврди дека за 23-годишната Ива Михајлова сè уште не е издадена црвена потерница, но велат дека од властите во Македонија пристигнало известување преку Интерпол Скопје за меѓународна потерница и барање за нејзина екстрадиција.
Иако барањето е пристигнато, бугарската полиција досега нема преземено дејствија за нејзино лоцирање или приведување на територијата на Бугарија.
Правните експерти и одбраната на Михајлова истакнуваат дека барањето за екстрадиција е правно недозволено. Според членот 25, став 4 од Уставот на Република Бугарија, бугарски државјанин не може да биде предаден на друга држава што не е членка на Европската Унија, освен ако тоа не е предвидено со специфичен ратификуван меѓународен договор.

Нејзиниот адвокатски тим веќе испратил официјални дописи до шест бугарски институции од кои зависи текот на процедурата, а најавена е и приватна жалба против одредената мерка за обезбедување присуство (притвор) донесена од македонските правосудни органи.

Адвокатот Емануил Јорданов за бугарските медиуми појасни дека евентуалната екстрадиција ќе зависи исклучиво од одлуката на бугарскиот суд, кој ќе треба да ги разгледа мотивите на македонските власти, но и дополнителните околности.
„Законот остава простор при одлучувањето да се земе предвид и здравствената состојба на девојката, како и евентуалниот третман или отежнувачки околности со кои таа се соочува“, изјави Јорданов, додавајќи дека ваквите процедури вообичаено траат со месеци.
Од Софискиот градски суд потврдија дека до овој момент кај нив сè уште официјално не е пристигнато барањето за екстрадиција од страна на македонското Министерство за правда.