Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за МРТ упати критики до Владата за случајот со Ива Михајлова, изборниот законик, економските политики и евроинтеграциите. Тој повтори дека уставните измени се неопходен чекор кон Европската Унија и најави дека опозицијата ќе продолжи со законски предлози за минимална плата и други мерки.
Во гостување во Централниот дневник на Македонската телевизија, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека партијата се сомнева на „договор под радар“ во врска со случајот со Ива Михајлова, за која рече дека нема објаснување како ја напуштила државата. „Нема што друго да е освен договор, затоа што нема објаснување како некој може да помине така граница“, рече Филипче. Тој побара Бугарија да ја екстрадира Михајлова, оценувајќи дека тоа е „најмалку што Бугарија треба и може да направи“ во интерес на добрососедските односи.
На прашањето дали СДСМ располага со конкретни докази, Филипче не наведе нови факти, но ја поврза темата со, како што рече, „лажниот сертификат“ на директорот на АНБ, Бојан Христовски, и со одговорноста на институциите. За можни понатамошни чекори рече дека СДСМ ќе ги искористи „сите демократски можности“ што ѝ стојат на располагање, вклучително и евентуални нови интерпелации, зависно од однесувањето на министрите.
Во делот за односите со Софија и евроинтеграциите, Филипче повтори дека уставните измени не се став само на СДСМ, туку услов што го бара Европската Унија. „Не сме тоа ние во СДСМ или јас лично… на тоа инсистира Европската унија“, изјави тој. Според него, Владата дошла на власт со, како што оцени, „лажна кампања“ дека ќе ги подобри преговарачките услови, а сега се покажува дека „апсолутно ништо не може да се промени“.
Говорејќи за изборниот законик, Филипче објасни дека СДСМ не учествува во работната група затоа што, според него, власта претходно го нарушила принципот на консензус со измените на законот за техничка влада. Дополнително, рече дека предложените решенија за гласањето на дијаспората „отвараат врата за изборен грабеж“, особено преку електронско или поштенско гласање и преку поинакво заокружување на гласачкото ливче. Додаде дека СДСМ би се вратила на маса ако овие одредби бидат повлечени.
Филипче ја бранеше и иницијативата за закон за минимална плата од 600 евра, иако предлогот не помина во Собранието. Според него, тоа е „најмалку што оваа влада треба да направи“ за да го подобри стандардот на граѓаните. Во истиот контекст, ја обвини Владата за негрижа кон земјоделците, пензионерите и младите, наведувајќи дека се поднесуваат закони „за да видат граѓаните дека некој се грижи за нив“.
Во економскиот дел од интервјуто, лидерот на СДСМ оцени дека вториот ребаланс на буџетот е доказ за, како што рече, „некапацитетност на институциите“. Тој тврдеше дека причината за ребалансот не може да се сведе само на акцизите и ДДВ на горивата и предупреди на нови задолжувања, намалени капитални инвестиции и кратења во здравството. „Ништо друго нема да се случи, само сиромаштија и огромни долгови“, рече Филипче.
Осврнувајќи се на состојбата во СДСМ и критиките од платформата „12 и 5“, Филипче порача дека нема да поднесе оставка. Тој ги оцени критичарите како „сателити на Христијан Мицкоски“ и рече дека ќе продолжи, како што наведе, „од борбата за добра СДСМ, консолидирана СДСМ и добра европска напредна Македонија во Европската унија“.