Изборната кампања во Србија се одвива во силно поларизирана политичка атмосфера, која може да ги загрози еднаквите услови за сите учесници на изборите. Ова е оценката на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), по дводневната посета на Белград, во пресрет на предвремените парламентарни избори закажани за 25 октомври.
Делегацијата, предводена од италијанскиот парламентарец Пјеро Фасино, престојувала во српската престолнина на 12 и 13 октомври, каде што разговарала со претставници на власта, опозицијата, изборните институции, граѓанското општество и медиумите.
Во соопштението објавено на 14 октомври се наведува дека делегацијата добила бројни информации за нееднакви услови во изборната кампања, како и за непропорционално голема медиумска застапеност во корист на владејачката партија.
Дополнително, биле изнесени загрижености за можни злоупотреби на административните ресурси, притисоци врз гласачите и недоволна ефикасност на институциите при постапувањето по пријави за прекршување на основните слободи.
Европските претставници укажале и на проблеми поврзани со точноста на избирачките списоци и организацијата на гласањето во странство, што, според дел од соговорниците, отвора прашања за можни изборни манипулации.
Во извештајот се споменуваат и случаи на непријателска реторика насочена кон опозициски активисти, претставници на граѓански организации и новинари, како и наводи за следење и загриженост за безбедноста на гласачите и набљудувачите.
Поради ваквата состојба, Парламентарното собрание на Советот на Европа ги повика сите политички актери, вклучително и владејачките партии, опозициските движења и граѓанските организации, да се воздржат од провокативна реторика, заплашување и постапки што би можеле да го загрозат мирното и демократско спроведување на изборите.
Посебно предупредување е упатено до безбедносните институции, од кои се бара да се воздржат од употреба на сила и неоправдани ограничувања на правото на мирно собирање, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.
Делегацијата очекува властите да обезбедат мирна атмосфера во преостанатиот дел од кампањата, како и непречен пристап на домашните и меѓународните набљудувачи до сите фази од изборниот процес.
Во оценката се наведува и дека измените на четири изборни закони, усвоени во мај годинава, не ги исполниле во целост претходните препораки на ОДИХР и Венецијанската комисија, иако донеле одредени подобрувања.
Парламентарното собрание на Советот на Европа најави дека на 25 октомври ќе испрати целосна набљудувачка мисија, која заедно со ОДИХР, Парламентарното собрание на ОБСЕ и Европскиот парламент ќе го следи гласањето и пребројувањето на гласовите.